Фудбалската репрезентација на Шпанија е светски фудбалски првак, откако во финалето на Светското првенство во Јужна Африка со голот на Андрес Иниеста ја совлада Холандија со 1:0.
Натпреварот протече во остра игра, со 14 жолти картони и еден црвен. Најзрелата шанса ја пропушти Ариен Робен, кој во 63. минута излезе сам пред голманот на Шпанците Икер Касиљас, но не успеа да го совлада. Според тоа како се одвиваше натпреварот, ова беше меч топка за Холандија.
Во регуларниот дел на натпреварот немаше голови и мечот заврши со непопуларните 0:0, вторпат во историјата на светските првенства.
Во продолженијата повторно одмерување на силите, но овој пат и уморот го стори своето, па повеќе топки завршуваа во аут, бидејќи ниту брзиот Робен немаше сила да ги стигне.
Во второто продолженија иницијатива на Шпанците, а нападите кулминираа во 116. минута, кога по една нафрлена топка од Торес, се создаде гужва во шеснаесетникот, во која најдобро се снајде Иниеста кој биеше откосо и го совлада голманот на Холандија.
До крајот на мечот немаше време Холандија да стори нешто повеќе и Шпанците станаа светски прваци, обединувајќи ги титулите европски и светски шампион.