Во Скопје протестираа оние кои што бараат похумано однесување кон животните.
Граѓаните го обвинуваа стационарот „Вардариште“ за лош третман кон заловените животни, односно дека поголемиот дел од нив, наместо да се вдомат или да се стерилизираат, се еутаназирани.
Тие исто така бараа и измена на законот каде е допуштено успивање на уличните кучиња доколку не успеат да бидат вдомени.
Мери Јордановска, новинар и познат борец за хуман однос кон животните, вели дека сега стационарот има одврзани раце кога станува збор за третманот на кучињата според законот:
-„Дава можност секое куче, вклучително и она што е здраво и неагресивно да може да биде еутаназирано, доколку не биде вдомено. Не се дава временски рок за вдомување, со што практично ’Комунална хигиена’ ја оправдува огромната стапка на еутаназија на уличните кучиња која до сега е највисока во Европа, таа достигнува до 70%“, вели Јордановска.
Катерина Лаова, портпарол на стационарот „Вардариште“, објаснува дека тој работи според програмата „залови-стерилизирај-пушти“, а за тоа кое животно треба да биде „успиено“ определува ветеринари кои што соработуваат со нив.
Ја прашавме колку кучиња се „успиваат“ и доколку законски се успиваат само кучиња кои што не би можеле да се прилагодат на живот со луѓе, а љубителите обвинуваат дека бројот на успиени е огромен, дали тоа значи дека низ Скопје шетаат глутници бесни кучиња?
-„Се еутаназираат оние кучиња кои се агресивни, кои навистина не би можеле да се вратат на скопските улици бидејќи би можеле да ги загрозат животите на граѓаните. Исто така се еутаназираат кучиња кои имаат некоја повреда и страдаат“, вели Лаова.
На протестот на љубителите на животни му се приклучија голем број организации, па и групи кои што немаат предзнак во името кое што се однесува на заштитата на животните.
Јордановска вели ова е само чекор кон тешкиот пат да се смени прво законот, а потоа и свеста на луѓето за да се надмине нехуманото во нив, како што се организирање на масовни труења на уличните животни, или пак борбите со кучиња.