Група математичари успеаја да најдат решение за 120 години стара загатка, за која долго време се сметаше дека е нерешлива. Иако, конечно е декодирана, многу научници воопшто не ни разбираат за што точно станува збор.
Решението е толку сложено, што доколку се напише рачно, може да го покрие цел Менхетен. Сочуван во високо компресирана форма на компјутерски хард диск, зема онолку простор колку што би зафатиле емпетројки за 45-дневно постојано слушање музика, околу 60 гигабајти.
За правењето на мапата на теоретскиот објект, познат како “Ли група Е8”, бил собран интернационален тим од 18 математичари и компјутерџии. Групите Ли ги измислил норвешкиот математичар Софус Ли, при проучувањето на симетричните објекти, особено сферите и диференцијалните пресметки.
Е8 групата, која датира од 1887-та година, е најкомплицираната група Ли, со 248 димензии. За да дојдат до решението, на групата научници им биле потребни 4 години а нивното истражување содржи 60 пати повеќе податоци од проектот за човековиот генетски материјал.