Иако пред неколку месеци во јавноста се појави видео и фотографии од новиот iPhone 4 кои многу наликуваа на реалниот, сепак главниот извршен директор на Apple Стив Џобс новиот производ официјално го претстави во Сан Франциско.
'Прекинете ме доколку досега сте го виделе ова', рекол Џобс, предизвикувајќи смеење кај публиката. Новиот iPhone службено именуван како iPhone 4, со дебелина од 9,3 милиметри е најтенкиот паметен телефон на светот, а освен тоа што изгледа одлично, станува збор за најголем технолошки скок од излегувањето на првиот iPhone, рекол Џобс. Дали тоа ќе биде навистина така, останува да видиме, но критиките досега се навистина позитивни. Некои го нарекуваат 'лаптоп во мало пакување'.
Најтенкиот паметен телефон на пазарот
Тенок, нерѓосувачки челик, покриен со екран со резолуција 960 со 640 пиксели кои овозможуваат квалитетна слика и поостар приказ на текстот од претходните модели. Екранот е со големина од 8,9 сантиметри.
Моделите во САД ќе се продаваат по цена од 299 долари за верзија од 32 GB, или 199 долари за верзија од 16 GB, со потпишување на две годишен договор со операторот AT&T. Нема информации дали овој уред ќе може да се набави преку друг оператор. Стариот модел 3G нема повеќе да се произведува, а моделите 3GS ќе чинат 99 долари.
Џобсов проблем
Џобс вчера сепак се соочил со мали проблеми кога се обидел од новиот уред да отвори веб страница. На екранот се прикажал натписот 'безжичната мрежа не е активна', а публиката на тоа одговорила со смеење. Џобс, инаку човек полн со самодоверба, останал малку посрамотен па во еден момент ја запрашал публиката за совет. Проблемот бил решен многу брзо, за среќа.
Еволуција, не револуција
Камерата на iPhone 4 ќе има пет мегапиксели, два повеќе од стариот модел. Ќе може да се снима и видео со висока дефиниција (со 30 фрејма во секунда), како кај новиот HTC Evo 4G. Исто така камерата поставена на предниот дел од телефонот ќе овозможува Face Time видео чет, што било јасно уште со појавување на првите податоци за овој уред.
Покрај целата серија од нови апликации, iPhone 4G несомнено ќе биде еден од најатрактивните телефони на пазарот, иако критичарите велат дека станува збор за еволуција, а не револуција, односно дека ќе бидат разочарани луѓето кои од новиот производ ќе очекуваат нешто незамисливо.