Израелската компанија Yissum Research претстави ефтини и едноставни батерии наменети за земјите во развој.
Главниот материјал за изработка на овие батерии е обичен компир, а нивната робустност и едноставност би можела да биде од голема корист во подрачјата со слабо развиена електрична инфраструктура.
Професорите Хаим Рабинович, Алекс Голдберг и Борис Рубински од калифорнкискиот Универзитет Беркли веќе подолго време работат на испитувања поврзани со електрични процеси во живите состојки, кои може да се користат за разни примени.
Неодамна, овие научници открија дека со користење на електроди од цинк и бакар можат од компирот да направат вистинска батерија, чија сила е до 10 пати поголема ако компирот претходно е сварен.
Иако звучи неверојатно, сепак, професорите сметаат дека овие батерии може да траат со денови и недели, а се и до 50 пати поефтини од комерцијалните D батерии со напон од 1,5 V.
Научниот труд е објавен во јунскиот број на магазинот Journal of Renewable and Sustainable Energy и во неделното издание на престижниот магазин Nature.