Поглаварот на кипарската православна црква побарал од членовите на Светиот Синод да се воздржат од коментари во пресрет на посетата на Бенедикт XVI на островот, откако неколку владици отворено изјавија дека Папата го сметаат за еретик.
Весникот Филелефтерос соопштува дека најмалку 5 члена на Светиот Синод одбиле да учествуваат во церемонијата за пречек на понтифот, кој по покана на кипарскиот претседател, Димитрис Христофиас, следниот месец треба да го посети островот.
"Во црквата има демократија и слобода на говор, но луѓето едноставно не можат да го прават тоа што прво им паѓа на памет. Можат да веруваат во што сакаат, но тоа не значи дека треба да го навредуваат гостинот," изјавил Хризостом II, поглавар на кипарската православна црква.
Папата Бенедикт XVI треба да ја посети земјата каде што апостолот Павле во првиот век го проповедал христијанството. На грчкиот дел од Кипар, каде повеќето луѓе се православни и има малку католици, речиси никогаш немало конфликт по верска основа.