Група научници од Израел ја откриле зоната во мозокот што го контролира стравот и се надеваат дека тоа откритие ќе помогне еден ден да се произведе лек против разните видови фобии.
Истражувачите ја проучувале реакцијата на мозокот на офидиофобијата, односно стравот од змии.
Во испитувањето бил скениран мозокот на две групи волонтери - едните се плашеле од змии, а вторите не.
Научниците откриле дека еден дел од мозокот, односно цингуларниот кортекс, што ги контролира емоциите, станувал посветол на скенерот кога волонтерите кои страдаат од офидиофобија собрале доволно храброст да се приближат до змијата.
Научниците се надеваат дека ова откритие ќе овозможи производство на лекови против разните видови фобии кои можат негативно да влијаат врз квалитетот на животот кај некои луѓе. Меѓутоа, истовремено стравуваат дека откритието би можело да биде злоупотребено, на пример, за “бришење“ на стравот кај војниците.