LG Display развија прототип LCD дисплеј со дебелина од само 2,6 милиметри. Досегашниот рекорд го држеше Samsung со дебелина на својот дисплеј од 3,9 милиметри.
Овој 120-херцен екран со дијагонала од 42 инчи, функционира со LED позадинско осветлување и може да прикаже целосна HD резолуција.
Целиот дисплеј, кој го носи фалбаџиското име Extreme Slim, тежи нешто помалку од 4 килограми и е наменет за телевизори кои би се монтирале на ѕид. Сепак, останува прашањето дали LG ќе успее да најде место и за вградување на TV тунер и аудио звучници за најтенкиот HDTV на планетава.
LG сеуште не го објави точниот датум за пуштање во сериско производство на овој дисплеј, но затоа најави демонстрација на неговите можности уште следниот месец на најпознатиот саем за потрошувачка електроника - CES.