Експерименталниот авион на соларен погон „солар импулс“ слета утрово во воената база во Пајерн во Швајцарија, по 26 часа непрекинат лет, јавуваат агенциите.
Авионот што го конструираше швајцарскиот истражувач Бертран Пикар полета вчера утро со брзина од 35 километри на час од базата во Пајерн.
Пикар, прв човек што во балон леташе околу светот без спуштање, рече дека целта на овој експеримент е „лет без гориво“.
„Солар импулс“ како единствено гориво има 12.000 фото ќелии распоредени долж целата површина на крилата, од кои се напојуваат четири електромотори секој по десет коњски сили.
Леталото е правено седум години, има должина на крилата како „ербас А340“ – 63,40 метри, а тежи само 1.600 килограми.
Конструкцијата започна минатата година, а главна цел е „солар импулс“ во 2013. или 2014. година да ја обиколи планетата.